Судство

Јане Ченто вратен во притвор во Истражниот затвор во Шуто Оризари

03.04.2018 16:32

Јане Ченто, еден од осомничените за собраниските настани од 27-ми април е повторно вратен во притвор во Истражниот затвор во Шуто Оризари. Од судот тврдат- не ја почитувал претходно изречената мерка. Неговиот татко демантира дека тој се одалечувал од домот...

Полицијата изутрината го приведе Јане Ченто, еден од осомничените за настаните во Собранието на 27-ми април минатата година. Приведен е од домот на улицата „Цане Коњарец“ во Прилеп каде беше во куќен притвор.

Налогот стигнал од Кривичниот совет при Основниот суд- 1 од Скопје. Советот е известен од МВР дека лицето не ја почитувало определната мерка куќен притвор, велат од Судот. Поради тоа, Советот ја смени мерката куќен, со мерка притвор.

Таткото на осомничениот Јане Ченто вели дека полицијата изутрината дошла да провери дали син му е дома. Тоа го констатирале, но потоа бил приведен со образложение дека на 30-ти март во периодот од 11.10 до 11.35 часот бил излезен од дома.

Јане Ченто, еден од осомничените за настаните на 27-ми април минатата година, во куќен притвор бил околу еден и пол месец.

 

Елизабета Митреска