Могерини: Западен Балкан е стратешки регион за Европа
Утре Брисел ќе го објави извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан. Македонија очекува чиста и безусловна препорака за старт на преговорите за членство. Еврокомесарот за проширување Хан и шефицата на дипломатијата Могерини, доаѓаат во Скопје...

Утре Европската комисија ќе го објави извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан. Според информациите, Македонија ќе добие чиста, безусловна препорака за почеток на преговорите за членство.
Еврокомесарот за проширување јоханес хан и шефицата на дипломатијата на Европската унија Федерика Могерини, по објавувањето на извештајот за Македонија, доаѓаат во Скопје. Хан ќе пристигне в среда, додека Могерини ќе ја посети Македонија следниот ден, кога ќе се обрати пред пратениците во Собранието.
„Ќе имаме важни точки, иако слушам дека ова може лошо да влијае на медиумските наслови, но ќе има важна расправа за Западниот Балкан, како подготовка на самитот во Софија. Утре ќе има важни одлуки на ЕУ за извештаите за Западен Балкан од пакетот за проширување. Ова е стратешки регион за Европа, и е Европа, иако сѐ уште не е целосно дел од Европската унија. Планирам да го посетам регионот од утре вечер. Ќе имам шанса да разменам мислења со министрите на ЕУ за тоа како подобро да работиме со нашите партнери од Западниот Балкан за заедничка безбедност и просперитет“, изјави Могерини.
Позитивни оценки добива и Албанија. Во извештајот за Косово се подвлекува дека започнатите реформи се забавени, а за Црна Гора дека има напредок само на хартија. Немање реформи е констатирано за Босна и Херцеговина, а на Србија ќе ѝ се препорача дека во ЕУ може да се стигне со реформи и со дијалог.
