Евроинтеграции

Могерини и Хан во посета на Македонија

18.04.2018 08:04

Могерини ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, по што е предвидена нивна заедничка прес- конференција. Високата претставничка на ЕУ утре ќе има обраќање во Парламентот. Еврокомесарот Хан, ќе учествува и на премиерскиот ручек на Дигиталниот самит што во наредните два дена ќе се одржи во Скопје...

Еден ден по објавувањето на Извештајот за напредокот на Република Македонија во процесот на евроинтеграциите, во кој Европската комисија даде чиста препорака за почеток на пристапните преговори, во официјална посета на земјата денеска ќе престојуваат заменик-претседателот на Европската комисија и висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини и комесарот за европска и соседска политика и проширување Јоханес Хан.

Според најавите, Могерини ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, по што е предвидена нивна заедничка прес-конференција. Високата претставничка на ЕУ утре ќе има обраќање во Парламентот. Еврокомесарот Хан, пак, исто така, ќе оствари официјална средба со премиерот Заев по што ќе одржат заедничка прес-конференцијата. Хан ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, а ќе учествува и на премиерскиот ручек на Дигиталниот самит што во наредните два дена ќе се одржи во Скопје.

Могерини на прес-конференцијата на која беа објавени извештаите истакна дека позитивната порака, која Скопје ја очекуваше од ЕК дојде и изрази уверување дека земјите од регионот ќе ги спроведат реформите и ќе покажат конкретни резултати, бидејќи, како што рече граѓаните на тие земји тоа го очекуваат од нивните власти. Еврокомесарот Хан, пак, порача дека оваа чиста препорака треба да биде мотивација за реформите како и за името.

Премиерот Заев вчера по објавувањето на Извештајот истакна дека со добивањето на оваа кристално чиста и безусловна препорака, земјата е чекор поблиску до ЕУ и до достигнување на економските стандарди на ЕУ.