Евроинтеграции

Заев- Хан: Безусловната препорака- мотивација за реформите и за решавање на разликата со името

18.04.2018 10:29

Брисел ги препозна реформите. Безусловната препорака за старт на преговорите за членство, обврска да се продолжи со реформите. Еврокомесарот за проширување Хан лично го донесе извештајот во Скопје. Македонија подготвена за нов чекор напред, изјави премиерот Заев.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан лично му го предаде извештајот на премиерот Зоран Заев. Порача дека чистата препорака треба да биде мотивација за реформите, како и за решавање на разликата со името.

„Останува уште многу да се направи, но искрено ви честитам Вам, на Владата, Парламентот и на опозицијата за поддршката на оваа национална цел“, рече Хан на заедничката прес-конференција со Заев.

Порача дека реформите не треба да застанат тука туку да продолжат, особено во судството.

Македонија е подготвена за нов чекор напред. Следна цел, одлуката на Советот на ЕУ во јуни за старт на преговорите, изјави премиерот Заев.

„Уште поенергично ќе работиме во јуни да добиеме датум за преговори. Продолжување со суштинските реформи, и по Планот 3-6-9 ќе утврдиме нов план на реформи“, истакна премиерот Заев.

Тој се заблагодари на земјите од ЕУ  кои ја поддржаа Македонија, како и на македонските граѓани, на НВО секторот и на сите други чинители за заедничките напори.