Политика

Партиите со различни ставови за извештајот на ЕК

18.04.2018 16:14

Партиите со свои ставови за извештајот за земјава. Од СДСМ велат – препораката е потврда за успешноста на реформскиот процес. ВМРО-ДПМНЕ укажува на многубројните забелешки во документот на Брисел. Велат – во ниту една од клучните области нема добар напредок. За ДУИ, направен е успех, но претстои уште работа...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средба со комесарот Хан. Посочил дека европскиот пат е единствениот по кој треба да се движи земјава. Укажал оти опозицијата суштински го подобрила квалитетот на реформските закони. Според Мицкоски, загрижуваат состојбите со корупцијата, неефикасноста на институциите, нереформираниот судски систем. Најавил дека одблиску ќе ги следат состојбите кои ги загрижуваат граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Владата на СДСМ нема ниту човечки капацитет, ниту политичка волја да спроведе суштински реформи.

Од СДСМ соопштија дека по две условени препораки, Македонија повеќе не е категоризирана како заробена држава, туку како држава која преку почнатите реформи повторно се враќа онаму каде што и вредносно и цивилизациски припаѓа - во друштво на модерните, напредни и развиени европски држави.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека оценките од извештајот на ЕК за напредокот на Македонија не биле неочекуван успех. Од Алијанса на Албанците велат дека е добро што Македонија има позитивен извештај зашто местото на земјава и на регионот е во Европската унија.

Од крилото на БЕСА што ја предводи Африм Гаши велат дека ако бидат дел од Владата тие ќе бидат будното око, особено во делот на борбата против корупцијата.

Сите политички партии се согласни да продолжат реформите за побрз пристап кон ЕУ и НАТО.  

 

Игор Панов