Могерини ќе се обрати пред пратениците во Собранието

19.04.2018 08:23

Повод е Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија и дадената чиста препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија и заменик-претседател на Европската комисија, Федерика Могерини денеска ќе се обрати пред пратениците во македонското Собрание. Повод е Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија и дадената чиста препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Могерини вчера се сретна со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Зоран Заев со кого имаше и заедничка прес-конференција на која истакна дека безусловната препорака за Македонија е заслужена и е признание од членките на ЕУ за сработеното.

Се вративте назад на добрата патека. Можете да славите половина ден и потоа да се вратите на работа. Овој резултат е заеднички на Владата и опозицијата и тие заедно треба да ги продолжат и следните чекори и да ја преземат одговорноста за тоа. Добрите вести што ги носам значат и многу работа што треба да биде направена, а следното ниво е имплементација на реформите и на обврските што ги презедовте, како и враќањето на довербата на луѓето во институциите, рече Могерини на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Заев и го поздрави подобрувањето на соработката со соседите.

Порача да продолжат преговорите со Грција за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение за што изрази надеж дека ќе се случи наскоро.