Одложено судењето за случајот „Насилство во Центар“

19.04.2018 11:28

Барањето на почетокот на рочиштето го поднесе одбраната на обвинетите, поради изјавата на јавната обвинителка Катица Јанева дека одредени судии се опфатени во прислушуваните разговори.

Адвокатите во случајот со насилството во општина Центар побараа изземање на судијата, како и на претседателите на Кривичниот и на Апелацискиот суд, поради што се одложи главната расправа во овој предмет. Судењето продолжува со распит на сведоци на 1-ви јуни.

Барањето на почетокот на рочиштето го поднесе одбраната на обвинетите, поради изјавата на јавната обвинителка Катица Јанева дека одредени судии се опфатени во прислушуваните разговори.

Обвинителката Фатиме Фетаи, побара да биде донесено решение за отфрлање на барањето како неосновано, бидејќи, како што кажа, за претседателот на судот Џолев и неговиот заменик неможе да се бара изземање доколку не се судии во процесот.  Побара отфрлање и на барањето за изземање на в.д. претседателот на Апелација и неговиот заменик бидејќи, рече, предметот не се наоѓа во фаза на одлучување пред Апелацискиот суд.

Во овој случај им се суди на 11 обвинети, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, екс-министерот Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова. На претходните рочишта, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.