Собрание на РМ

Могерини: Препораката е прв чекор на долгиот пат кон целосна интеграција во ЕУ

19.04.2018 12:56

Ова е заеднички успех на власта и на опозицијата и е прв чекор на долгиот и напорен паткон целосна интеграција во ЕУ. Ова го изјави заменикот потпретседател на Европската комисија, Федерика Могерини во македонскиот Законодавен дом. Според шефицата на европската дипломатија и одбрана, била надмината најлошата политичка криза во земјава...

„Имајте го јасно пред себе патот кој го трасиравте и не заборавајте како дојдовте до единство по тешката политичка криза“- високата претставничка на Европската комисија, Федерика Могерини, во обраќањето во Собранието, изразувајќи задоволство за сработеното во последната година во земјава, испрати неколку клучни пораки до македонските власти. Да инвестираат во демократските институции, во младите кои сакаат да бидат дел од ЕУ, да бидат храбри, одговорни и прагматични.

„Секаде низ земјата гледам нација која е со голема самодоверба, мултиетничко општество кое што е обединето кон споделена национална цел, цел да биде дел од нашата Европска унија“, рече високата претставничка на Европската комисија, Федерика Могерини.

Дипломатката од Брисел изрази надеж дека разговорите за името со Грција наскоро ќе имаат разрешница. Понуди заедничка трка заедно со соседите и рече оти е убедена дека брзо ќе стигнеме до целта.

„Вистинската награда во оваа игра, која е се освен игра, е подобрувањето на животите на граѓаните. Преведете го секој успех кој што ќе успеете да го постигнете, и во овој дом и во законодавството, во реформите, во конкретни чекори, конкретни резултати за вашите граѓани. Ова е суштината“, нагласи Могерини.

Во читањето на позитивниот извештај, побара да се обрне внимание на, како што рече два магични збора- одржување и продолжување на реформите. Могерини рече дека Брисел го цени и вреднува направеното од страна на земјава, но оти никако не смее да се запре овде зашто единствен ризик да се загуби нешто во иднина, според могерини е капацитетот да се направи многу повеќе.

 

Катерина Топалова