Инфраструктура

Отворена за сообраќај автопатската делница Демир Капија- Смоквица

23.04.2018 16:03

Пуштена е во употреба 28 километарската делница Демир Капија- Смоквица. Коридорот 10 во земјава е комплетиран на ниво на автопат. Ќе го скрати времето на патување и ќе се зголеми безбедноста на овој потег. Надлежните очекуваат да придонесе и за дополнителен економски развој...

Македонија доби целосно автопатско решение на Коридорот 10. По шест години изградба од утре почнува редовното користење на новата автопатска делница од Демир Капија до Смоквица.

Во новите 28,2 километри автопат се инвестирани вкупно 230 милиони евра. Од нив 62 милиона се грант од ЕУ, буџетската контрибуција е 6, а остатокот се кредити од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

На свеченоста, пред тунелот кај Демир Капија присуствуваа премиерот Зоран Заев со владиниот економски тим, директорот за проширување и соседски политики на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, евроамбасадорот Жбогар, како и грчкиот министер за транспорт и инфраструктура, Христос Сприцис и менаџментот на грчката компанија Актор која го градеше овој дел од автопатот.

„Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на ЕУ, кон која не водат сите патишта, а овој автопат поврзува и води кон ЕУ“, нагласи премиерот Заев во обраќањето.

Досега ЕУ во изградбата на транспортната инфраструктура во земјава вложила вкупно 325 милиони евра. Со нив се изградени 28 километри нови и се обновени 56 километри постојни автопати. Европските пари се инвестирани и во 64 километри локални патишта во 40 општини, а рехабилитирани се и 11 железнички станици и пругата Битола- Кременица.

Новата автопатска делница долга 28,2 километри ќе овозможи скратување на патувањето за 25 минути, во однос на порано. Се очекува годишно да ја користат над 730 илјади возила.

 

Свето Николовски