Филипче најави контроли во сите бањи
По скандалот со Катлановска бања, министерот Филипче најави контроли во сите бањи. Не сакаше да коментира како било предходно, бидејќи проблемот го наследил, но најави регистрација според важечкиот Закон. Вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат, издаде времена забрана за здравствена дејност...

По скандалот во Катлановска бања, министерот Филипче најави контроли во сите бањи. Ќе се испитува како соработувал Фондот и и давал пари на оваа здравствена установа иако немала дозвола за вршење здравствена дејност што ја издава ресорното министерство.
Филипче вели дека проблемот го наследил. Засега од фондот молк. На Катлановска бања ѝ е издадена времена забрана за работа за медицинско лекување, сѐ до обезбедување на потребната дозвола. Пациентите кои се во моментов на лекување ќе останат до завршување на третманот.
„Како било до сега јас навистина не можам да одговорам. Не секоја бања е регистрирана како приватна здравствена установа, туку како ДОО или како ДООЕЛ. Тоа нешто што ние сега ќе го средиме да биде согласно Законот. Закажан е состанок со Фондот за здравство за да го разгледаме овој проблем во смисла на склучување на договори со Фондот, меѓутоа и од правен аспект во смисла дали е издадена дозвола од Министерството за здравство ќе се провери и во сите бањи“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Во меѓувреме, според Филипче, сопствениците на Катлановска бања ја почнале постапката за регистрирање согласно Законот. При надзорот, инспекторите констатирале дека во установата работат и тројца странски доктори без лиценца од лекарската комора.
Андријана Атанасовска
