Вашингтон

Џонсон: Трамп да не го напушта нуклеарниот договор со Иран

07.05.2018 12:42

Шефот на британската дипломатија Џонсон го разубедува американскиот претседател Трамп за иранскиот договор...

Британскиот минстер за надворешни работи, Борис Џонсон го повика американскиот претседател Трамп да не го напушта Нуклеарниот договор со Иран, со напомена дека тоа би било голема грешка. Џонсон е во посета на САД, за да го убеди Вашингтон да не истапува од нуклераниот договор.

Тој рече дека од сите опции со кои би можело да се осигура дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје, договорот под наслов „Заеднички сеопфатен план“ има најмалку маани. Додаде дека планот има слабости, но и дека е убеден дека тие може да се исправат. Рече дека Велика Британија на тоа работи заедно со САД, Франција и Германија.

Британскиот министер потсети дека со договорот на Техеран му беа воведени рестрикции и дека не гледа никаква предност во откажувањето од него.

Џонсон во Вашингтон ќе се сретне со потпретседателот на САД, Мајк Пенс, советникот за национална безбедност Џон Болтон, како и со лидерите на Конгресот на САД за надворешна политика, а нема да одржи средба со американскиот претседател.

Техеран во 2015-та година потпиша договор со шестте светски сили – САД, Кина, Русија, Германија, Франција и В. Британија со што се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите. Трамп договорот го нарече најлош договор некогаш постигнат и најави можно истапување.

Претседателот на Иран, Хасан Рохани изјави дека Вашингтон ќе зажали доколку истапи од договорот.

 

Марина Ристова