Четврта претседателска инаугурација на Путин
Четвртата инаугурација на старо- новиот претседател Владимир Путин го симболизира враќањето на Русија на политичката сцена. Во 2000-та година, поранешниот офицер на КГБ од екс-претседателот Борис Елцин, наследи дестаблизирана и економски слаба држава. Неговата популарност се зголемуваше и покрај проблемите со опозицијата и дипломатските кризи со западот. На последните избори, Путин доби поддршка од над 76% од гласачите.

По 18 години на власт како премиер и како претседател на Русија, Владимир Путин по четврти пат даде свечена заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат. Изрази подготвеност за одговорноста и обврските што ги презема со новата улога пред очите на народот, државата, но и претците.
„Моја обврска е да го правам најдоброто за Русија, за сегашноста и иднината, за да имаме мир и просперитет, за нашата нација да продолжи да се развива. Ве уверувам дека целта на мојот живот и на мојата работа, како и досега, е да му служам на народот и да ја спасам родната земја. Најсрдечно ви се заблагодарувам за единството, заедно можеме да смениме многу работи“, истакна рускиот претседател, Владимир Путин.
Еден од приротитетите на Путин во однос на глобалната сцена е да се обнови руското влијание. По припојувањето на полуостровот Крим, преку интервенција на руски специјалци и референдум, кој за Киев беше незаконски, тој се соочи со несогласување на западот. Дипломатската криза со Европската Унија и со Вашингтон се продлабочи и поради неколку други прашања, како што се аферата за мешање во претседателските избори на САД, војната во Сирија, и труењето на Скрипаљови на британска територија.
На домашен терен, мнозинството Руси се задоволни од постигнатиот напредок и враќањето на стабилноста на земјата. Но многумина се револтирани од, според нив, ограничувањето на човековите права и медиумски слободи. Во протестите за време на викендот беа уапсени околу 1.000 луѓе низ 19 градови. Меѓу нив беше и опозицискиот лидер Алексеј Наваљниј кому му беше забрането да се кандидира поради обвинение за проневера.
Маја Фидлишев
