„Диво насеље“ не треба да се повтори
Правда и одговорност за настаните и загубените животи во „Диво насеље“ мора да има, велат од МВР на тригодишнината од кумановските настани, при што загинаа осуммина полицајци. Владата е подготвена и за меѓународна експертиза за случајот, изјави премиерот Заев.

„Пред три години осум припадници на полицијата го изгубија животот во трагичниот настан во Диво насеље. Овој нечовечки и противдржавен чин не смее никогаш да се повтори“- велат од МВР. На годишнината од настанот од Министерството сопштуваат дека полицајците се тука да ги штитат граѓаните и уставниот поредок на државата и не смеат никогаш да бидат жртви на никакви интереси.
„Граѓаните ќе ја паметат храброста на осумте македонски синови, а институциите ќе ја осигураат правдата како должност кон нивните семејства и кон населението. Мора да се соочат со одговорност оние кои стојат зад овој настан“- стои во дописот.
По крвавиот инцидент, 33 лица, учесници во нападот кои беа обвинети за тероризам, добија затворски казни. Премиерот Заев вели дека Владата е подготвена и за меѓународна експертиза по правосилноста на пресудата.
„Уште кога објавивме дека Владата е подготвена за меѓународна експертиза за овој случај, утврдивме дека согласно позитивните прописи, дека таа не може да биде уфрлена середе судски процес. Мора процесот да заврши со правосилна пресуда, за да можат да се воведат меѓународни претставници. Верувам дека деталите може Министерството за правда да ги каже“, изјави премиерот Заев.
Во црквата „Св. Никола“ во Куманово, со една минута молк, ВМРО-ДПМНЕ им оддаде почит на осумте припадници на безбедносните сили. „Сите ние сме вечни должници на нивната храброст и пожртвуваност за татковината“- велат од партијата.
„Додека тие ја бранеа државата, Зоран Заев и Оливер Спасовски им свртеа грб на државата и граѓаните. Еден ден по антитерористичката акција отидоа со смеење и се сликаа на местото каде своите животи ги положија 8-те припадници на МВР. Нивната жртва за татковината и храброста која ја демонстрираа заслужува најголема чест“, изјави Игор Божиновски, ВМРО-ДПМНЕ.
Советниците на опозицијата во Куманово ќе предложат подигање споменик во чест на осумте бранители и бараат колегите од СДСМ да ги поддржат.
Наташа Гркова- Петрушевска
