Димовски: Злоупотреби при купување амбасади во странство
Се трошеле милионски суми за изградба на пет објекти на локации каде што Македонија нема амбасади, вели државниот секретар Димовски. Место поевтини и подобри објекти, претходната влада ги фаворизирала поскапите, тврдат од МНР.

Македонското МНР со индиции за сериозни злоупотреби со купувањето на дипломатско- конзуларните претставништва. Се трошеле милионски суми за изградба на пет објекти на локации каде што Македонија нема амбасади, вели државниот секретар Димовски. Место поевтини и подобри објекти, претходната влада ги фаворизирала поскапите, тврдат од МНР.
На прес-конференција во Владата, Димовски посочи дека со одлука на Влада од 2007-ма биле одобрени 40 милиони евра за купување 15 дипломатски- конзуларни претставништа, а со ребаланс на буџетот уште 10 милиони евра.
Купени се пет објекти во Будимпешта, Прага, Истанбул, Љубљана и Виена во 2007-ма година. Со одлука на тогашниот министер за надворешни работи биле формирани две комисии што ги спроведувале набавките.
Биле фаворизирани несоодветни и поскапи објекти иако имало понуди и за поквалитетни објекти, со поголема квадратура и на репрезентативни места. Правени се непотребни реконструкции и адаптации на објектите, и тоа неквалитетни, а скапо платени материјали.
Димовски како пример го посочи објектот во Виена за кој се платени 3,5 милиони евра со агенциска провизија од 105 илјади евра и реконструкција која достигнала 1,4 милиони евра.
