МНР: Наумовски ќе биде повикан на консултации во Скопје
„Амбасадорот Наумовски ќе биде повикан на консултации во Скопје“- велат од ресорот надворешни работи по случајот што го обелодени министерката Шекеринска дека тој не се појавил на ниту еден настан за време на нејзината посета на Соединетите Американски Држави. МНР соопшти дека утврдило неправилности во купувањето дипломатско- конзуларни претставништа во странство во изминатите десетина години..

Направени се серија нарушувања и пропусти во постапките при купување на дипломатско конзуларните претставништва во пет града со што бил оштетен буџетот за милионски суми, обвини државниот секретар во МНР, Димовски.
Според анализите, во 2007-та со одлука на Влада биле одобрени 50 милиони евра за 15 објекти, а биле изградени пет, на локации каде Македонија нема амбасада. Димовски посочи примери каде наместо поевтини и подобри објекти, тогашната влада ги фаворизирала поскапите. Вели- правени биле непотребни реконструкции и адаптации на објектите со неквалитетен материјал кој бил скапо платен.
Тврди дека дипломатските претставништва се руинирани и не можат да се користат, за што земјата плаќа кирии иако има објекти во нејзина сопственост кои вредат милиони евра.
Дополнително, Димовски информираше дека во договор со министерот за надворешни Димитров, на консултации во земјава ќе биде повикан амбасадорот Наумовски и во соодветна постапка ќе бидат утврдени сите факти за неговото однесување при посетата на министерката за одбрана Шекеринска на САД.
Шекеринска го обвини Наумовски дека неодговорно ја врши функцијата, бидејќи при нејзината посета на САД не се појавил на ниту една средба на министерката за одбрана. Шекеринска овој потег го оцени како скандалозен и крајно неодговорен.
Викторија Милевска
