Акција

Чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад

14.05.2018 10:59

Две децении охридските нуркачи спроведуваат акции за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад. Езерото го загадуваат Охриѓани, велат нуркачите, затоа што никој од туристите во езерото не фрла шпорети, фрижидери, автомобилски гуми или друг вид цврст отпад.

Под мотото „Без вода нема живот“ нуркачите од Клубот за подводни активности „Охрид“ ја започнаа акцијата за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад. Денеска се чистеше потегот од градското пристаниште до месноста Сараиште, а во рамки на акцијата ќе се чисти езерското дно до Канео. Од езерото беа извадени автомобилски гуми, столици, метални предмети, како и други видови цврст отпад.

„Успеавме во овие 20 години на луѓето да им врежиме како на грамофонска плоча дека не треба да фрлаат губре. Охридското Езеро го загадуваат исклучиво охриѓани, нема сигурно турист да дојде, кажав и минатиот пат, од Скопје да дојде и машина за перење да фрли во езерото“, изјави Горан Балевски- Клуб за подводни активности „Охрид“.

Охридската локална самоуправа која ги подржа нуркачите спроведува и повеќе други активности за чистење на градот и крајбрежјето во пресрет на летната туристичка сезона.

„Ќе има голем број на акции кои што се потребни затоа што Охридски Комуналец не е доволен сам да го изврши тоа чистење, а ние имаме еден проект во кој што ќе приклучиме 50 луѓе, кои што ќе бидат исклучиво задолжени за чистење на градот од крајот на мај до карјот на јуни“, изјави Јован Стојаноски- градоначалник на Охрид.

Охрабрува податокот што го посочија нуркачите, дека акциите за чистење на езерото покажуваат дека се буди еколошката свест кај охриѓани, потврдено со фактот дека со секоја спроведена акција се собира помалку цврст отпад.

 

Сашо Нелоски