Земјоделство

Оризовите ниви се напуштаат

22.05.2018 10:16

Иако годинава има доволно вода за оризовите ниви, тие повторно нема да бидат целосно насеани. Причината, како што велат земјоделците се високите трошоци за производство и ниската откупна цена. Наместо 3.700 тие ќе насеат 1.000 хектари помалку. Површините или ќе ги напуштат, или наместо со оризот ќе ги посеат со други култури.

Една третина од нивите или околу илјада хектари во Кочанско годинава ќе останат необработени и непосеани со ориз, велат земјоделците.

Тоа е скоро една третина од вкупно планираните површини за сеидба со главната земјоделска култура во регионот, што според сегашните откупни цени на белиот ориз, ќе значи чиста загуба од половина милион евра.

Иако, овогодишната сеидба е во завршна фаза, пресметките на земјоделците, споредени со производствените трошоци и со остварениот приход, покажале дека оризот им носи загуба.

Покрај ниските откупни цени, проблем за оризопроизводителите се и високите трошоци за заштитните препарати и за ѓубривата.

Дел од земјоделците веќе се преориентирале на пиперки, грав и други земјоделски култури чие производство има поголема економска оправданост и доволен приход. На пазарот,со моменталните цените на оризот, земјоделците велат дека ако ваквата лоша состојба продоржи, реално е да се очекува да се зголемува бројот на нивите што ќе бидат напуштени и ќе станат мочуришта.

 

Методија Трајков