Ѓоко Поповски доби 9 години затвор за случајот „Триста“

22.05.2018 13:26

Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила за потребите на министерстовото доби 9 години затвор...

Поранешниот помошник- министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила за потребите на министерстовото доби 9 години затвор. Пресудата за случајот „Триста“ предмалку беше соопштена во Кривичниот суд во Скопје.

Според судијката Кацарска, неспорно е дека Поповски ја донел и потпишал одлуката за јавна набавка на 300 возила. Набавката на возилата била поделена во три лота, и наместо најповолниот економски понудувач, Поповски склучувал договори со други фирми за набавка на возила.

Судот цени дека Извештајот за постапката бил спротивен на Законот за јавни набавки и Поповски не смеел да го прифати, рече судијката Кацарска додавајќи дека предметот најповолна понуда не е запазен.

Ѓоко Поповски е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра.