Пресуда

Случај „Триста“: Девет години затвор за Ѓоко Поповски

22.05.2018 15:52

Поранешниот помошник- министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, обвинет во предметот „Триста“ за набавка на 300 возила, прогласен за виновен. Доби 9 години затвор. Го оштетил буџетот за околу 28 милиони денари. Треба да ја надомести штетата. СЈО побара мерка притвор, судот одобри. Одбраната смета дека казната е превисока и нема потреба од притвор...

Девет години затвор доби помошникот министер за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски. Обвинителството докажа- склучил неповолен тендер во 2008-та за набавка на 300 возила со што го оштетил Буџетот за повеќе од 450 илјади евра, пари кои сега мора да ги врати. Поповски потпишал - колачот од јавната дабавка наместо да го добие најповолниот понудувач, да се подели меѓу шест фирми, а некои од нив биле трето, четврто па и петто рангирани.

Специјалното обвинителство побара притвор. Поповски пак вети дека нема да бега затоа што има болни сопруга и мајка како и син на факултет кои нема кому да ги остави.

По 40 минути пауза, судечкиот совет одлучи да му определи притвор до правосилност на пресудата. Одбраната се жали дека казната е превисока.

По изрекувањето на пресудата Поповски беше спроведен во притвор. Тој е обвинет и за набавката на луксузниот владин мерцедес, процес за кој утре ќе биде изречена пресудата.

 

Анита Димитријевска