Надзорна расправа за природното и културното наследство на Охрид
Во Собранието, надзорна расправа за природното и културното наследство на Охрид и охридскиот регион, прва во овој пратенички состав. Одговори од надлежните до каде е реализацијата на активностите со идентификуваните проблеми во извештајот на мониторинг мисијата на УНЕСКО...

Непрочистените комунални води, дивите депонии, дивите градби, урбаната мафија и неефикасното функционирање меѓу локалните власти и Владата се причина за катастрофалната состојба и загрозување на статусот на балканскиот бисер во УНЕСКО- ова е генералниот заклучок од сослушувањето на сведоците на првата надзорна расправа за природното и културното населдство на Охрид и охридскиот регион.
Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски истакна дека по 10 години од првото предупредување на УНЕСКО, формирана е комисија за ова прашање, и во наредниот период ќе реферира за понатамошните активности. За опозицијата значајно беше дали во изминатиов период се соочил со одредени правни потешкотии.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, побара финансиска поддршка од Владата за расчистување на крајбрежјето на Охридското Езеро, бидејќи општината е немоќна сама да се справи со проблемот. Тој смета дека е подобро со крајбрежјето да стопанисуваат приватни концесионери и засега нема воспоставено мораториум на градежните активности кои се едни од главните причинители за ваквата состојба на регионот. Министреот за транспорт и врски, Горан Сугарески се огради од одговорноста за легализација на дивите градби.
Македонија треба да ја заврши реализацијата на активностите за заштита на природното и културно наследство до крајот на 2019-та година.
Марина Стојанова- Тонева
