Реактивирање на меѓувладината мешовита комисија за заштита на малцински права во Србија и Македонија
Министерот Адеми во посета на Белград. Со неговиот домаќин Ружиќ ја реактивираа меѓувладината мешовита комисија за заштита на малцинските права во двете земји...

По 14 години од потпишувањето на билатералната спогодба помеѓу Србија и Македонија, двете држави постигнаа договор за реактивирање на меѓувладината мешовита комисија за заштита на малцински права.
На денешната средба на министерот за дијаспора, Еднонд Адеми и министерот за државна управа и локална самоуправа, Бранко Ружиќ договорено е меѓувладината комисија првата средба да ја оствари во октомври.
„Се надевам дека меѓувладиниот мешовит комитет на есен ќе се состане за првпат од 2004 година кога е и потпишана спогодбата, а секако тука се октомври и ноември кога се и изборите за нациналните совети и верувам дека сето тоа ќе помине во најдобар можен тек и во интерес на македонското национално малцинство во Србија“, изјави министерот Адеми.
Измените на законите за изборите и работата на Нациналните совети на малцинствата во Србија, меѓу кои и македонското, беа во фокусот на разговорите на двајцата министри.
„Со оглед на тоа што македонската влада многу посериозно и поагилно се занимава со своите државјани во дијаспората ширум светот, ние успеавме да најдеме заеднички именител на нашата заедничка соработка“, рече министерот Ружиќ.
Според Ружиќ меѓувладината мешовита комисија е еден од моделите која може да ги растерети земјите од дневнополитичи прашања кои на Балканот секош ги има и да помогне владите да се фокусираат на интересите на двете држави, на нивните државјани и на малцинските политики.
ВоСрбија според последниот попис од 2011 година, 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност. Според неофицијалните проценки во Србија живеат над 100.000 Македонци.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
