1.000 години Охридска архиепископија

Г.г. Стефан: Постоењето на МПЦ не е закана за другите помесни цркви

28.05.2018 12:28

Продолжува одбележувањето илјада години Охридска архиепископија. Во катедралниот храм „Света Софија“, празнична Златоуста литургија, со која чиноначалствуваше Архиепископот г.г. Стефан, во сослужение на членовите на Светиот синод на МПЦ. Постоењето на МПЦ, не е закана за другите помесни цркви- порака од архиепископот Стефан...

Македонската православна црква преку своето пастирско дејствување и борбата за зачувување на чистотата на православната вера, покажа дека не е закана за други помесни Цркви, туку дека служи за усовршување на светиите и изградување на Христовото тело, истакна поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан во своето обраќање до верниците. Архипископот Охридски и Македонски, од архиерејска литургија со која што чиноначалствуваше во црквата Света Софија во Охрид, порача дека 1.000 годишното постење на Охридската архиепископија, немало и нема друга цел, освен единството на човекот со Бога.

„Токму поради тоа таа е и обновена во лицето на Македонската православна црква. Нејзиното постоење не само што не претставува закана за постоењето на другите помесни Цркви, туку служи за усовршување на светиите и за изградување на Христовото тело. Таа тоа го покажала со своето пастирско дејствување помеѓу поверениот ѝ народ, но и преку активното учество во борбите за зачувување на чистотата на православната вера. Не се сведувало постоењето на Охридската архиепископија, како што ни денес не постои во лицето на Македонската православна црква, едноставно за да биде нечија, да припаѓа, а со припаѓањето на едни – да им биде одземена на други“, рече г.г. Стефан – Архиепископ Охридски и Македонски.

Поглаварот на МПЦ нагласи дека овој миениумски јубилеј е пригода на која што треба да се возвеселиме со воодушевување и исполнетост поради фактот што одбележуваме 1000 години сопствена духовна историја.

„Ретко кој народ може да се пофали со вакво богатство – со богатство за вечноста, кое ни молец го јаде, ни р’ѓа го нагризува. Тоа се нашето славно минато и делата за кои треба да Му благодариме на Бога, на кои треба да бидеме горди, и како народ и како Црква“, нагласи г.г Стефан.

Централниот настан по повод јубилејот се одржа синоќа во „Света Софија“, со Свечена академија на која присуствуваа поглаварот и членовите на Светиот синод на МПЦ и државниот врв.

 

Марија Котовска