Терористички напад во Лиеж
Белгија повторно на удар на терористите. Во Лиеж загинаа двајца полицајци, а напаѓачот е ликвидиран. Се засолнил во зграда на шестиот спрат држејќи жена-заложник...

Двајца полицајци и еден случаен минувач се убиени во центарот на Лиеж, град во источна Белгија, во престрелка со напаѓач кој земал жена како заложник. Уште двајца припадници на безбедносните сили се повредени. Напаѓачот е ликвидиран. Властите сметаат дека се работи за тероризам.
„Во Лиеж се случи навистина голем инцидент. Ја надгледуваме ситуацијата заедно со министерот за внатрешни работи и со кризниот центар. Во име на Владата на Белгија сакам да им искажам поддршка на семејствата на жртвите“, изјави премиерот на Белгија, Шарл Мишел.
На друштвените мрежи се појавија снимки на кои се гледаат исплашени луѓе кои бараат засолниште, додека во заднина се слушаат истрели и сирени од амбулантни возила.
„Бев во автобус во тој момент. Ни беше кажано да излеземе надвор и да ја напуштиме областа бидејќи беше опасно. Се засолнив во една продавница. Кога излегов од продавницата слушнав истрели. Сега е мирно. Вакво нешто не се случува секој ден“, вели очевидец на настанот.
„Чекорев по булеварот кога ги слушнав истрелите. Видов луѓе како трчаат и врескаат. Не сфаќав што се случува“- додава друг.
Напаѓачот кој првично на себе имал само нож успеал да го украде огненото оружје на еден од полицајците, по што ги застрелал и избегнал, упатувајќи се кон училиште во близина каде што земал жена за заложничка.
Полицијата соопшти дека по едноиполчасовна престрелка 36-годишниот напаѓач бил убиен, а децата што се наоѓале во училиштето се веќе на безбедно. Напаѓачот е идентификуван како Бенжамин Херман, роден 1982 година. Во понеделникот бил пуштен од затвор. Се сметал за насилен, но не бил познат како извршител на терористички дела или по насилна радикализација. Во 2011 година во Лиеж напаѓач уби четворица и рани 100 луѓе, по што се самоуби.
Марина Ристова
