ВМРО-ДПМНЕ: Заев лицитира со името, идентитетот и со достоинството на граѓаните

30.05.2018 16:18

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека премиерот Заев лицитира со името, идентитетот, со достоинството на граѓаните. Бараат информации за тоа што е договорено. Партијата остана на ставот- не за промена на Уставот со цел промена на уставното име. Ја критикуваа власта за работењето во првата година...

Премиерот Заев заткулисно прави договори и тргува со националниот идентитет, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија обвинуваат дека дека власта лицитира со името и со достоинството на граѓаните. Бараат информации за текот на процесот. Остануваат на познатиот став – „Не“ за промена на Уставот со цел промена на уставното име.

„Зоран Заев секоја недела си кажува што сака. Си лицитира со имиња, со идентитет и достоинство на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија и си има свои принципи, и ќе остане таква. Имавме лидерска средба, го кажавме нашето мислење и стоиме зад него. Бараме да погледнеме што се договара, а не тајно да се преговара, за да го кажеме нашито став“, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија обвинија дека институциите се партизираат, а парите на граѓаните се злоупотребуваат. ВМРО-ДПМНЕ оцени дека едногодишното владеење на СДСМ и на ДУИ е полно со лаги, расипништво и економско пропаѓање.

„Животот дојде, но само за Заев, Вицето, Анѓушев, Шекеринска и функционерите на СДСМ. Сите останати граѓани се борат за преживување, а државата е клекната на колена“, изјави Мисајловски.

Ги повикаа граѓаните в сабота да излезат на протест пред Владата.

 

Игор Панов