Новите министри почнаа со работа
Примопредавање на министерствата по владината реконструкција. Рената Дескоска која влезе во ресорот правда вели дека нејзината мисија е да обезбеди праведен систем и нема да се меша во работата на судовите. Во фокусот на Арбр Адеми ќе биде реформирање на основното и средното образование. Новиот министер за култура ќе гради мостови на соработка...

Новоизбраните министри влегоа во кабинетите. Се обврзаа дека ќе ги продолжат реформите и ќе работат во интерес на граѓаните. Од ресорот образование во правда се пресели Рената Дескоска. Нејзиниот претходник Салији вели дека сега е полесно да се биде министер во услови кога контурите на реформите се исцртани. Дескоска, пак, вети дека битката ќе ја бие на два фронта. Независносноста на судството и Законот за извршување, за кој тврди дека ќе обезбеди поправеден систем. Порача дека нема намера да се меша во работата на судовите.
Фокусот на мојот тим останува на реформирање на основното и средното образование преку усвојување на законите и примена на наставните програми, рече министерот за образование Арбр Адеми откако ја презема функцијата од Дескоска.
Дел од владиниот кабинет е и Асаф Адеми, кадар на движењето БЕСА. Ќе раководи со ресорот култура. Вети унитарен културен идентитет што ќе гради мостови на соработка меѓу граѓаните. Неговиот претходник Алаѓозовски му посака успех. Од Адеми очекува да ги продолжи веќе започнатите проекти.
Алаѓозовски, сепак не ја напушта Владата на Заев. Од денеска тој е национален координатор за културен развој.
Викторија Милевска
