Столтенеберг: Македонија може да добие покана за НАТО на самитот во јули
Првиот човек на НАТО,Столтенберг во интервју за телевизијата „Франс 24“, изјави дека се надева оти на јулскиот самит на алијансата во Брисел, Македонија може да добие покана за членство...

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервју за телевизијата „Франс 24“, изјави дека се надева оти на јулскиот самит на алијансата во Брисел, Македонија може да добие покана за членство. Патот е отворен по постигнувањето на договорот со Грција.
„Се надевам дека ќе има напредок со поранешната југословенска Република Македонија, бидејќи тие постигнаа договор со Грција за проблемот со името. Ако тој договор биде финализиран и целосно применет новото име ќе биде Република Северна Македонија и тогаш можеме да тргнеме кон членство на поранешната југословенска Република Македонија во НАТО. Искрено се надевам дека тоа ќе можеме да го направиме“, изјави Столтенберг.
На прашањето дали има временска рамка за членството на Македонија, првиот човек на НАТО вели дека тоа зависи од финализирањето на договорот во Скопје.
Но, јас се надевам дека ќе можеме да почнеме преговорите за членство, односно да донесеме одлука за нивен почеток на самитот на НАТО во јули, ако се се одвива според планираното околу ратификацијата и референдумот кој ќе се одржи подоцна оваа година, изјави Столтенберг.
