Столтенберг: Покана во НАТО по успешен референдум
Советот на Европската унија за општи работи во Луксембург ќе разгледува почеток на преговори за членството на Македонија. Конечната одлука ќе биде објавена в четврток. Шефицата на европската дипломатија Могерини апелираше да се отворат преговори со Македонија. Покана за членство во НАТО ако поминe референдумот, изјави генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг.

Јулскиот самит на НАТО ќе се фокусира на проширувањето. Очекувам лидерите на земјите членки на Алијансата да почнат пристапни преговори со Македонија. Доколку успее референдумот за Договорот со Грција, Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО, изјави генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг.
„Се разбира одлуката ќе биде донесена од шефовите на држави и влади на самитот во јули, но јас очекувам и се надевам дека шефовите на држави и влади можат да се договорат да почнат пристапни разговори. Потоа ќе можеме да ја поканиме Поранешната југословенска Република Македонија да стане полноправна членка, ако договорот е финализиран и имплементиран. Потребна е целосна ратификација, но и гласање „за“ на референдумот. Ако се случи ова, јас сум многу оптимист, особено што НАТО континуирано повторува дека ќе ја поканиме Поранешната југословенска Република Македонија да стане членка штом биде решено прашањето за името“, рече Сотлтенберг
И шефицата на европската дипломатија Могерини во Луксембург побара земјите членки да го наградат напредокот што го постигна Македонија и да отворат преговори со земјата.
„Да кажам многу јасно, ја знаете препораката на Комисијата да отвориме преговори со Скопје и Тирана. Овој процес мора да биде врз основа на заслуги. Ако има напредок мора да биде препознат, охрабрен и придружуван. Се надевам дека земјите- членки ќе ја донесат вистинската одлука. Гледаме напредок на Балканот што е импресивен. Бев сведок на потпишувањето на договорот за името пред само десет дена, историски момент што мора да биде поддржан. На Западниот Балкан сега му е потребно Европската унија да биде доследна и да испорача“, изјави Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.
Проширувањето на ЕУ е на агендата на европските шефови на дипломатиите на Советот за општи работи. Се очекува да бидат разгледани извештаите на Европската комисија за напредокот на секоја од земјите кандидати и ако има согласност да се донесе одлука за отворање на преговори. Конечната одлука ја потврдува Европскиот совет во четврток.
Ирина Гелевска
