Договорот со Грција силен импулс за реформи
Министерката за одбрана Шекеринска вели дека во наредните две недели се очекуваат позитивни одлуки за Македонија. Датум за почеток на преговорите со ЕУ и поканата за членство во НАТО ќе бидат мотив плус да се продолжи со реформските приоритети. Македонија со договорите со Бугарија и Грција не само што го деблокира патoт кон евроатлантските организации, туку дава придонес во стабилноста и мирот во регионот, смета спикерот Џафери.

Само политичката волја на актуелните лидери и влади доведе проблемите и антагонизмите да се решат и да се постигне договор со Грција. Надмината е најголемата пречка во процесот на нашата евроатлантска интеграција, вели спикерот Џафери. Откако Законот за ратификација на договорот со нашиот јужен сосед помина во Парламентот, претседателот на Собранието очекува и почитување на волјата на граѓаните од политичарите.
Министерката за одбрана, Шекеринска посочи дека добивањето датум за преговори со ЕУ и на покана за членство во НАТО ќе биде мотив плус да се продолжи засилено со реформски приоритети. Според неа, договорот со Грција освен за стабилноста на земјава, ќе придонесе за развој и безбедност на целиот регион.
Директорот на Центарот за безбедносна соработка на Парламентите од Југоисточна Европа, истакна дека земјиве од регионот се соочуваат со безбедносни предизвици, како што се тероризмот, насилниот екстремизам и неконтролираната миграција.
Состанокот на Парламентарните комисии за безбедност и одбрана од регионот е поддржан од Центарот за демократска контрола на оружените сили од Женева и ОБСЕ.
Игор Панов
