Иванов не го потпиша Указот за Договорот со Грција, за Владата одлуката не влијае на имплементацијата
Претседателот Иванов не го потпиша указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот меѓу Македонија и Грција. Во писмото до Собранието наведува дека нема мандат за тоа. Според Иванов, спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност кон друга држава, односно Грција. Одлуката на Иванов не влијае на имплементацијата на договорот, велат од Владата. Ѓорге Иванов работи против интересите на државата, за македонската иднина ќе решат граѓаните, реакција на СДСМ...

Претседателот Ѓорге Иванов нема да го потпише указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот меѓу Македонија и Грција.
„Во извршувањето на функцијата Претседател на Република Македонија секогаш постапувам одговорно и своите права и должности ги вршам според Уставот, законите и интересите на Република Македонија“- наведува во писмото до Собранието, шефот на државата.
Неговата одлука во пет точки ја темели врз, како што вели, немање мандат да го потпише Указот и поради неговата конзистентна политика дека не прифаќа идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, јазикот и посебноста на македонската нација.
Според Иванов, спогодбата меѓу Македонија и Грција е надвор од опфатот на резолуциите на Советот на Обединетите нации и таа нема уставен основ, односно не е ратификувана во согласност со највисокиот државен правен акт.
Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, вели во писмото македонскиот претседател.
„Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција. Според член 308 од Кривичниот законик, „граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“. Озаконувањето на спогодбата создава правни последици што се основа за кривично дело“- вели Иванов.
Сега спогодбата се враќа повторно во Собрание, но речиси сигурно е дека претседателот ќе го употреби таканареченото „џебно вето“, како и во случајот со Законот за употреба на јазиците.
Од Владата одлуката на Иванов ја оценуваат како очекувана, но не влијае на имплементацијата на договорот. Повторуваат дека волјата на граѓаните изразена на референдум ќе биде обврзувачка за сите политички субјекти без разлика која форма ќе го има изјаснувањето на граѓаните.
Ѓорге Иванов работи на директна штета на граѓаните, против Македонија и против македонската иднина, пишува во реакцијата на СДСМ. Иванов не смее да ја кочи македонската иднина. Постигнатиот договор меѓу Македонија и Грција е патриотски чин, го заштитува и зацврстува македонскиот идентитет и обезбедува полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ- велат во СДСМ.
Миле Ристески
