Евроинтеграции

Европските дипломати решаваат за преговори за членство со Македонија и Албанија, консензусот неизвесен

26.06.2018 12:33

Европските дипломати во Луксембург решаваат за почнување на преговори за членство со Македонија и Албанија. Консензусот засега неизвесен. Франција и Холандија имаат сериозни забелешки. Конечната одлука ќе биде донесена на самитот во четврток и петок...

Европските дипломати решаваат за почнување на преговори со Македонија и Албанија. Неизвесно е дали ќе постигнат консензус, бидејќи Франција и Холандија имаат сериозни забелешки.

„Двете држави направија важен напредок во владеењето на правото и борбата против корупцијата, но истовремено сѐ уште не се подготвени. Секоја земја направи постигнувања, но многу е важно кандидатите да покажат континуитет во овие области. Се надевам дека денеска ќе се согласиме преговорите да почнат со двете држави“, изјави Стеф Блок, министер за надворешни работи на Холандија.

„Очекувам зелено светло за почеток на преговори со Македонија и Албанија денеска. Не сакам да шпекулирам за идни датуми. Може да постигнеме компромис“, нагласи Михаел Рот, министер за надворешни работи на Германија.

Идниот претседавач со ЕУ и повеќето земји- членки се на ставот дека унијата не смее да одложува и мора да почне преговори со Македонија и Албанија.

„Отсекогаш сме биле за перспективата на проширување со државите од Западниот Балкан, што ги вклучува ПЈРМ и Албанија. И тоа сѐ уште е наш став. Сѐ уште има можност дека денеска ќе има консензус и работиме напорно на тоа“, вели Жерно Блумел, министер за австриското претседателство со ЕУ.

„Неодредувањето на датум за преговори со Македонија и Албанија ќе биде политичка грешка. Се надевам ќе најдеме излез од овој ќор сокак и ќе дадеме зелено светло за почеток на преговори со двете земји“, додава Жан Аселборн, министер за надворешни и европски прашања на Луксембург.

Доколку шефовите на дипломатиите на ЕУ не постигнат конпромис на Советот за општи работи во Луксембург, крајната одлука ќе се носи на Европскиот совет за два дена.

Еврокомесарот за проширување Хан ги предупреди земјите- членки дека евентуалното одбивање на двете земји ќе има негативни последици по стабилноста на регионот и повика на почеток на преговорите со Македонија и со Албанија, со што би се дал позитивен сигнал и би се потврдил кредибилитетот на Унијата.

 

Ирина Гелевска