Пендаровски: Македонија заслужува членство во НАТО
Владата е свесна дека поканата зависи од успешно спроведување на реформите, но и престојниот референдум за Договорот со Грција.

Македонија заслужува покана и полноправно членство во НАТО, смета националниот координатор Стево Пендаровски. Владата е свесна дека поканата зависи од успешно спроведување на реформите, но и престојниот референдум за Договорот со Грција.
„Се чека писмото од единствената земја-членка што досега правеше проблеми од нашето зачленување во Алијансата. Треба да ги видиме формулациите внатре. Ветувањата од грчкото Министерство за надворешни работи се дека ќе биде чиста и јасна препораката и за двете организации, не само за НАТО, дека за во НАТО Грција нема да прави проблем да добиеме покана, а за ЕУ нема да прави проблем да почнеме со преговори“, рече Пендаровски.
Според него, единствено членството во НАТО е поддржано од сите етнички заедници и тоа претставува најсилен кохезивен фактор во општеството.
„Кога Македонија ќе влезе во НАТО, дефинитивно се затвора прашањето дали ќе ја биде Македонија. Не во смисла дали НАТО ќе застане на нашите граници и ќе не брани од напади, нема да има територијални напади врз Македонија. НАТО е организација во која членуваат најмоќните држави и се разменуваат информации внатре и со заеднички настап се оди контра новите закани“, оцени Пендаровски.
