Народен правобранител: Состојбата во казнено-поправните установи е очајна
При посета од тим на националниот превентивен механизам, откриена е и продажба на мобилни телефони во затворот Шутка, а има индиции и за давање мито за сместување во дел каде што сигналот не е блокиран.

Очајнa е состојбата во казнено-поправните установи, информираат од канцеларијата на Народниот правобранител. Наведуваат оти во затворот Шутка, претрес на притворени или осудени се прави во несоодветни проостории, луѓето се голи и на видно место, а жените се набљудуваат од машки затворски службеници. При посета од тим на националниот превентивен механизам, откриена е и продажба на мобилни телефони во затворот, а има индиции и за давање мито за сместување во дел каде што сигналот не е блокиран.
Во Струмичкиот затвор, претрес врз жени воопшто нема, а во една самица се сместени и по тројца осудени, па често се случуваат тепачки. Нема лекарски преглед секој ден, што е исто така задолжително со Закон. Во Кумановскиот затвор, пак, поради проблеми со водата осудените лица чуваат вода во шишиња, а за да одат во тоалет ги ставаат своите ќебиња, бидејќи нема врати, велат од канцеларијата на Правобранителот.
Во полициските станици, каде е дозволено подолго задржување на лицата лишени од слобода состојбите се алармантни. Во најлоша состојба е валандовската, па омбудсманот побарал да се запечати и да не се користи.
Омбудсманот утврдил недоследности и незаконски постапувања и при групните депортации на мигрантите.
Фиљана Кока
