Захариева: Решението за Македонија и Албанија е огромен чекор за нивната европерспектива
Треба да се завршат реформите во повеќе области. Ова беше тешка дискусија која траеше повеќе од 10 часа, изјави претседавачот, министерката за надворешни работи на Бугарија, Захариева.

Македонија доби условен датум за почеток на преговорите со Унијата во јуни 2019-та. Треба да се завршат реформите во повеќе области. Ова беше тешка дискусија која траеше повеќе од 10 часа, изјави претседавачот, министерката за надворешни работи на Бугарија, Захариева.
„Нема да кријам дека не беше лесно. По 10 часа дискусија успеавме да дојдеме до решение важно за цела Европа, не само за Поранешната Југословенска Република Македонија и Албанија туку за целиот регион. Денешното решение ќе ја зголеми довербата во Европската Унија кај земјите на Западен Балкан бидејќи посакуваме европската переспектива за нив да не е само декларативна. Има многу работа за завршување. Ако ги погледнете заклучоците за двете држави тие се врзани со услови за владеење на правото, за реформи во јавната администрација, борбата против организираниот криминал, што посебно се однесува на Албанија. Во целост сепак се дава многу јасна временска перспектива и конкретни задачи и за двете држави“, изјави бугарската вицепремиерка и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева.
Министерот за европски прашања на Германија, Михаел Рот изјави по состанокот- разговорите за Македонија беа разочарувачки. Против почетокот на преговорите биле Франција, Холандија, а ги поддржала и Данска. Сега останува, задутре Македонија да се надева претседателот на Франција Макрон да ја смени одлуката на Европскиот совет на лидерите во Брисел.
