Заев- Моравјецки: Силна поддршка од Полска за македонските евроатлантски интеграции
Премиерот Зоран Заев имаше работен појадок со полскиот премиер Матеус Моравјецки, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Поддршка за македонските евроатлантски интеграции и од официјална Варшава. Премиерот Зоран Заев имаше работен појадок со полскиот премиер Матеус Моравјецки, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Полскиот премиер, Моравјецки, на заедничката прес-конференција со Заев изрази поддршка на македонските евроатлантски интеграции. Тој честиташе за постигнатиот договор со Грција, што, како што рече отвора можности да почнат разговори за вклучување на Македонија во ЕУ. Тој додаде дека Полска ја поддржува Македонија и во НАТО интеграциите, што, како што рече, ќе биде добро и за безбедноста во овој дел од Европа.
Премиерот Заев истакна дека поддршката од Полска за преговори за пристапување кон ЕУ и покана за членство во НАТО, посебно по историскиот договор што го постигнавме со Грција, е многу значајна за Македонија, ако се земе предвид дека доаѓа во моменти пред Советот на ЕУ, на кој земјава очекува да се потврдат позитивните вести за започнување на преговори со ЕУ.
Одлуката за отворање пристапни преговори на Македонија со ЕУ и покана од Алијансата за влез на Македонија во НАТО, значи поголема безбедност и стабилност на целиот регион на Западен Балкан, но и на Европа и на светот, оцени Заев.
Македонија доби условно зелено светло за да почне разговори за влез во Европската унија во јуни идната година. Се бараат реформи во правосудството, безбедносните служби, јавната администрација, борбата против корупцијата. Заклучоците од министерскиот совет, на верификација пред шефовите на држави или влади на земјите- членки.
Премиерот Заев попладнево во Брисел ќе оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Средбата ќе се случи непосредно пред почетокот на состанокот на Европскиот совет. Македонскиот премиер утре во седиштето на НАТО ќе разговара и со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
