Ревзија

Партиите за избори имаат и непокриени расходи

28.06.2018 14:05

Државниот завод за ревизија направил скенирање на работата на 183 субјекти. Дури за 12 проценти од нив, ревизорите се воздржале од давање мислење, што значи дека таму се откриени огромен број аномалии. Од ревизорите скенирани биле и 11 политички партии и коалиции на вонредните парламентарни избори. Оствариле над три милиони и 700 илјади евра приход. Потрошиле за над 100 илјади евра повеќе, што спаѓа во непокриени расходи...

Политичките партии остануваат во сивата зона кога станува збор за финансирањето. Во извештајот на Државниот завод за ревизија стои дека за предвремените парламнтарни избори 11 партии и коалиции имале на располагање над три милиони и 700 илјади евра приходи, но за над 108 илјади евра ја пречекориле сумата за изборите, што спаѓа во непокриени расходи.

„Најголем дел од вкупните расходи на овие изборни кампањи се однесуваат на издатоци за реклама и пропаганда, односно за платено политичко рекламирање, кои изнесуваат 75,32 отсто од вкупните расходи. Пред одреден период, ако се сеќавате, имавме далеку поголеми суми кога е во прашање отворањето и затворањето на изборната сметка, односно колку расходи останале непокриени. Условно кажано, ова може да се гледа како подобрување“, изјави Мијалче Дургутов, ревизор задолжен за информирање во Државниот завод за ревизија.

Во 2017-та ревизорите од Заводот ја скенирале работата на 183 субјекти. Дури за 12 проценти од нив ревизорите се воздржале од давање мислење што значи дека во тие институции се откриени огромен број на аномалии. 16 ревизорски извештаи биле доставени до Јавното обвинителство. Ревизорите утврдиле неправлиности и во 63 распишани тендери за јавни набавки.

Миле Ристески