ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Отворен е патот кон ЕУ, потребна е посветеност на реформите

28.06.2018 14:55

Заклучоците од министерскиот состанок Македонија да добие условена препорака за старт на преговорите во јуни идната година, на потврда пред Европскиот совет. Премиерот Заев во Брисел на средби со Туск и Хан...

Во Брисел средба Туск- Заев. Заклучоците од министерскиот совет за условена препорака за преговори на Македонија со Европската унија во јуни идната година, ќе бидат верификувани од шефовите на држави или влади на земјите- членки, потврди претседателот на Европскиот совет Туск.

„Вашиот Договор за пријателство со Бугарија и неодамнешниот со Грција за прашањето за името, се пример за другите во регионот на кој начин треба да се одржуваат соседските односи. Затоа вчера ги повикав сите членки на Европскиот совет за да изразиме единствена поддршка за договорот на премиерите Заев и Ципрас за прашањето за името. За време на мојата посета на Скопје во април, можев да ја забележам политичката волја земјата да се движи во правец на евроатлантската интеграција. Немам сомнеж дека под храброто раководство на премиерот Заев ќе бидете во можност да го задржите чекорот во важните области за вашата земја“, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Туск се заблагодари на македонските власти за напорите во екот на миграциската криза во 2015-та година. Премиерот Заев изјави дека Европската унија не треба да ја пропушти оваа шанса за интеграција на Македонија во европското семејство. Во срцето на Европа, во Бирсел, како што рече Заев, потврдена е големата вест Република Македонија да добие датум за преговори во јуни 2019-та година.

„Европски е да му дадеме шанса на понуденото решение и без ниту еден грам сомнеж да бидеме сигурни со полн и меѓународно признаен македонски национален идентитет, заштитен и зајакнат, еднаш засекогаш ја внесуваме нашата земја во семејството на стабилни и развиени земји. Нема назад. Од друга страна, верувам дека ова е шанса и за Брисел, ЕУ не треба да ја пропушти можноста цврсто да вгради уште една алка во синџирот од вредности што ги афирмираме, чуваме, и негуваме заеднички“, истакна премиерот Заев на прес- конференцијата во Брисел.

Владината делегација ќе има и работна средба со комесарот за соседска политика на ЕУ и преговори за проширување, Јоханес Хан. Шефот на Владата, денеска и утре во европската престолнина ќе учествува и на форумот „Кран Монтана“, на панелот „Иднината на Југоисточна Европа во Европската унија“.

Македонскиот премиер, според најавите, во седиштето на НАТО утре ќе се сретне и со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.