Вработените во „Еурокомпозит“ на протест пред Владата
Од денеска, сѐ до исполнувањата на нивните барања пред Владата во шатори ќе штрајкуваат вработените во наменската индустрија Еурокомпозит од Прилеп. До Синдикатот велат – за 18 месеци добиле вкупно 20 илјади денари. Владата ќе ги разгледува барањата попладнево најави премиерот Заев во Прилеп...

Револтирани поради како што велат игнорантскиот однос, вработените од прилепски „Еурокомпозит“ поставија шатори пред Владата. Не си одат од тука, сѐ додека трајно не се реши егзистенцијата на 260 вработени во компанијата. Пред два ипол месеца премиерот Зоран Заев им ветил дека 100 вработени ќе заминат како технолошки вишок, фабриката ќе се продаде, а за другите ќе има работа и плата.
„На таа средба беше договорено дека уште првиот месец повеќе од 100 луѓе ќе заминат технолошки вишок и дека ќе влезат во Законот за стечајци, а за другите 140 дека ќе се најде странски инвеститор, ќе се продаде нашата фабрика и ќе се реши проблемот со сите вработени. Решивме да останеме тука во Скопје сѐ додека не се реши нашиот проблем“, изјави Роберт Богдановски, претседател на Синдикалната организација „Еурокомпозит“.
Вработените бараат исплата на 18 заостанати плати и придонеси од 2012- та.
Годинава се исплатени само околу 20 илјади денари, што е во просек околу 4- 5 илјади денари месечно.
„Старосната граница на сите е околу 60 години, нема каде да одиме, многу сме очајни. Премиерот денеска беше во Прилеп можеше со мала најава да рече ќе примам одреден број на вработени за да не правиме вакви циркузи, но изгледа тоа не ги интересира“, вели Цветан Бунтески, вработен во „Еурокомпозит“.
На седница, Владата ќе ги разгледува барањата на вработените. Ќе се бара начин за трајно решение на проблемот со загубарот од наменската индустрија. Крајна цел, вели премиерот Заев е продажба на компанијата за таа да продолжи со производство на воена опрема.
Андријана Атанасовска
