Политика

Власта на консултации, опозицијата на протест

03.07.2018 14:29

Власта најавува консултации за референдумот по самитот на НАТО, опозицијата закажа протестен марш за в недела. Премиерот Заев вели дека термините за граѓанското изјаснување остануваат да се движат кон крајот на септември или во почетокот на октомври, отворени се сите опции за содржината на прашањето како и за тоа дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки. „Поразите стануваат секојдневие - ова не е животот што се посакуваше“- вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. За в недела во Струмица најави протестен марш...

По 12- ти јули кога се очекува Македонија да добие покана за членство во НАТО ќе се отвори дебата со сите политички чинители и со граѓанскиот сектор за утврдување на терминот за референдум, карактерот и за прашањето- изјави шефот на македонската Влада, Зоран Заев. Засега е без конкретен став дали референдумот ќе биде обврзувачки или консултативен. За тоа ќе решаваме заедно- вели Заев.

„Она што треба сите да го знаат е дека резултатот ќе биде задолжителен. Тоа значи, ако референдумот помине ќе треба да ја почитуваме волјата на граѓаните, да гласаме во Парламентот и да работиме, особено на реформите и на процесите кои следуваат. Во прашањето секако ќе бидат договорот со Грција, како и ЕУ и НАТО. Сите опции се отворени“, изјави премиерот Заев.

И додека премиерот се надева дека до петок на Комисијата за избори и именувања ќе минат предлозите за нови членови на ДИК, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во видео обраќање за в недела најави протестен марш во Струмица.

Јас како и многумина од ВМРО-ДПМНЕ сме одлучни дека ќе одиме до крај и нема назад, сѐ до конечната победа за Македонија. Време е да се чуе нашиот заеднички глас и затоа продолжуваме со борбата- вели Мицкоски во видео обраќањето до граѓаните.

„Дополнително ти вели премиерот името Македонија морало да се избрише, ама пустото боли, пече, затоа што тоа е името под чиј бајрак и име растеле и умирале твоите предци, и под чиј код се родени твоите деца. Името кое го изговараш со чест, достоинство и трепет во душата и сега ти велат морало да се откажеш затоа што само така ќе било подобро, а ти знаеш дека тоа не е така. Живееме живот во кој поразите стануваат секојдневие, а победите ги нема“, вели Мицкоски во обраќањето.

Лидерот на опозициската партија објаснува дека протестот е резултат на негативните трендови во општеството. Несигурно секојдневие во кое младите се повеќе ја напуштаат државата не гледајќи перспектива во неа.

Миле Ристески