Шекеринска: Следната недела Македонија ќе ја добие поканата за членство во НАТО
Македонија следната недела ќе ја добие поканата за членство во НАТО, а за неколку месеци ќе почне процесот на ратификување на протоколите, објави министерката Шекеринска. Усвоен стратегискиот одбранбен преглед. Безбедноста ќе ја гарантира модерна и флексибилна армија...

Со новиот Стратегиски одбранбен преглед, Македонија ќе има мала мобилна армија која ќе може да одговори на современите предизвици и ќе има оптимални ресурси за безбедноста на државата.
Министерката за одбрана е убедена дека идната недела Македонија ќе добие покана за НАТО на самитот во Брисел. Иако сегашниот воен буџет е помал од потребните 2 процента од БДП што ги бара Алијансата, сепак како идна земја членка, во Стратегискиот одбранбен преглед се наведува како во наредните години ќе го достигне ова ниво, за да покажеме дека ќе бидеме сериозна членка на која Алијансата може да смета, вели министерката Шекеринска.
Македонија ќе продолжи да придонесува во мировните мисии на НАТО и во иднина, како што и досега го правеше тоа. Документот реално ги претставува сите недостатоци на македонската армија и плановите за нивно надминување.
По добивањето на покана на самитот во Брисел, се очекува во земјава да пристигнат тимови на НАТО кои ќе помагаат при подготовката за членство.
Ирина Гелевска
