Климатски промени

Летата ќе се зголемат, зимите ќе бидат поблаги

30.07.2018 10:42

Зголемени температури, силни електрични празнења, поројни дождови, поплави, пожари, ветришта. Климатските промени го земаат данокот. Македонија една од најпогодените земји, укажуваат бележењата на Управата за хидрометеролошки работи. Следуваат долги лета и поблаги зими...

Екстремни временски настани. Зголемени температури, силни електрични празнења, поројни дождови, поплави, пожари, ветришта, се последиците од климатските промени од кои Македонија не е исклучок. Напротив, таа е една од најпогодените земји, укажуваат бележењата на Управата за хидрометеролошки работи. Уште од 1926-та година, вели првиот човек на установата, Ивица Тодоровски, метеоролошките станици во земјава бележеле екстремни вредности на температурата, но последните децении тие се интензивираат и се сѐ почести.

„Крајот од последната декада од претходниот век и сите овие 17, 18 години во овој век имаме најекстремни температури, највисоки во период од 1926-та година, почнувајќи“, вели директорот на УХМР, Тодоровски.

Од мај годинава функционира радарскиот системн во Ѓуриште, иако еден од најсофистицираните, сепак предупредувањето за евентуално невреме може да се направи најмогу до еден час пред настанот, тврди Тодоровски.

„Во Управата исто така имаме инсталирано и најнов прогностички модул во месец февруари оваа година. Меѓутоа појавата на оние нестабилни воздушни маси кои се формираат, поради што има голема температурна разлика меѓу слоеви во атмосеферата и долу на почвата, тешко можат да се прогнозираат, но затоа се и овие радарски системи како во Ѓуриште и Тополчани каде можеме барем на време да ги откриеме и да дадеме некое предупредување“, изјави за МТВ директорот на УХМР, Ивица Тодоровски.

Според Нина Алексовска, член на Националниот комитет за климатски промени, главен доказ за нив е појавата на топлински бранови кои за разлика од минатото се позачестени и подолготрајни. Освен тоа, се зголемува бројот на летни денови со температури над 25 целзиусови степени и се намалува бројот на мразни денови со температури под нулата.

„Освен топлотните бранови како доказ за ова глобално затоплување е и трендот на зголемување на бројот на таканаречените тропски ноќи, денови кога минималната температура е поголема од 20 целзиусови степени и народот тоа најмногу го чувтсвува во летниот период“, вели Алексовска.

Управата има свој удел и во раното предупредување за појава на шумски пожари. Од тука се следат и се проследуваат до ЦУК параметрите кои укажуваат на нивна можна појава. Но, од осебно значење е што се доставуваат податоци и во однос на засегантите области.

„Како што е земјоделството, водостопанството, биодиверзитетот, шумарството, здравството- нашите податоци се битни за да направат анализа заедно со нивните податоци за моменталната состојба во секој сектор, како и за планирање на идните мерки за ублажување од климатските промени како и мерки за адаптација во соодветните сектори“, додава Алексовска.

Светот е глобално село, никој веќе не е изолиран од случувањата во него. Затоа нашите соговорници со порака до јавноста - секој поединец да почне од себе во придонесот за намалување на предизвикувачите на климатските промени, бидејќи тие со голема жестокост удираат повторно на човештвото.

 

Фиљана Кока