Собрание на РМ

Членовите на ДИК дадоа свечени изјави

30.07.2018 12:35

Членовите на Државната изборна комисија дадоа свечени изјави пред претседателот на Собранието, Талат Џафери. Претседателот на Комисијата, Дерковски најави дека ДИК, почитувајќи ги законите и Уставот на Република Македонија, ќе постапат и ќе направат сѐ што е во нивна надлежност за да успее организирањето на референдумот...

Членовите на Државната изборна комисија дадоа свечена изјава во Законодавниот дом. Пред собранискиот спикер Талат Џафери ветија совесно и одговорно работење, согласно Уставот и законите. Со оваа постапка веќе почнува работата на новиот состав на највисокото изборно тело.

Сѐ што е во наша надлежност ќе направиме за да одговориме на зададената задача, за успешно организирање на референдумот, изјави претседателот на Комисијата, Дерковски, посочувајќи на како што рече, искусниот тим на ДИК. Во однос на избирачкиот список, рече дека е континуирана активност на комисијата, а новоизбраните членови ќе дадат дополнителен придонес за да се расчистат дилемите околу списокот.

„Очекуваме  Собранието исто така, да донесе значајни одлуки за работата на ДИК. Доколку се заврши сѐ како што треба, го гледате составот, сѐ се тоа искусни луѓе во својата работа, од кои повеќето претходно веќе биле и членови на ДИК, така што сметам дека на зададената задача ќе одговориме пред сѐ почитувајќи ги законите и Уставот на Република Македонија“, изјави Оливер Дерковски, претседател на ДИК.

Претседателот на највисокото изборно тело, Оливер Деркоски доаѓа на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. За потпретседател на ДИК е избрана Дитмире Шеху од ДУИ. Има тројца членови од СДСМ- Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска, по еден имаат ВМРО-ДПМНЕ и движењето БЕСА на Касами, Елизабета Постоловска и Енвер Салиу.

 

Наташа Гркова- Петрушевска