Димитров и денеска не реферираше за надворешната политика

30.07.2018 13:17

Од собраниската прес-служба информираа дека седницата е презакажана поради одредени собраниски обврски поврзани со координацијата на пратеничката група, во врска со најавената пленарна седница за утврдување на референдумското прашање...

Седницата на собраниската Комисија за надворешна политика, на која министерот за надворешни работи Никола Димитров требаше да реферира за остварувањето на меѓународната политика, е презакажана за 1-ви август.

Од собраниската прес-служба информираа дека седницата е презакажана поради одредени собраниски обврски поврзани со координацијата на пратеничката група, во врска со најавената пленарна седница за утврдување на референдумското прашање во однос на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција.

Министерот Димитров, кој треба да има излагање за водењето на надворешната политика, не успеа да се обрати пред членовите на Комисијата ниту во средата, ниту во четвртокот, бидејќи претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски бараше пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат да ги добијат класифицираните материјали од две лидерски средби одржани кај претседателот на Република Македонија. Материјалите, рече, се битни за меѓународната политика и за работата на министерот Димитров.