Трговија

Пречки во преговорите меѓу ЕУ и САД

30.07.2018 13:56

Преговорите за трговија меѓу Европската унија и САД заглавија уште на првиот ден поради царините за американските земјоделски производи. Вашингтон се заканува дека ако Унијата не ги укине царините за увоз на земјоделски производи од САД, ќе се воведат дополнителни 25 проценти за увоз на европски автомобили на американскиот пазар...

Преговорите за нула царини меѓу Европската унија и САД наидоа на пречка уште на првиот ден. ЕУ одбива да нема царини за земјоделските производи од САД. Трамп по средбата со претседателот на ЕК, Јункер се закани дека САД ќе воведе дополнителни 25 проценти царини за увоз на европски автомобили доколку Унијата продолжи да ги зголемува царините за американските земјоделски производи.

„Не сакам да предвидувам дали ќе има царини. Преговорите со ЕУ се одвиваат многу брзо. Патем, ова ја става Кина во многу тешка ситуација“, изјави Лари Кадлоу-главен економски советник на Трамп.

Од Европската комисија велат дека Трамп и Јункер имале телефонски разговор по сребата во Вашингтон, но дека не разговарале за царините на земјоделските производи. Американскиот секретар за трговија којшто присуствувал на средбата во Белата куќа го тврди спротивното.

„Ниту земjоделството ниту купупродажбата на производи не се спомнати во заедничкиот текст договорен меѓу двете страни, коишто многу добро ја знаат причината за ова. Претседателите разговараа за соработката меѓу ЕУ и САД наведени во заедничката изјава“, изјави Мина Андреева- заменик портпарол на Европската комисија.

Според главниот економски советник на американскиот претседател Трамп, преговорите почнале со укинување на царините за увоз на соја, говедско месо и течен природен гас од Америка. Ако биде постигнат договор, ЕУ ќе обврзе на поголем увоз на соја и природен гас од САД, што според Вашингтон не е доволно. Трамп и Јункер постигнаа договор за отворање на европскиот и американскиот пазар за финансиски услуги и размена на работна сила.

 

Ирина Гелевска