Органско производство на 0,5% од обработливите површини, земјоделците бараат олеснувања
Органското производство е застапено на скромни половина процент од обработените површини, додека Европската унија најавува до 2020-та овој процент да се зголеми на 4%. Земјоделците бараат олеснувања, велат има зголемена побарувачка за органски производи, но засега имаат мали вишоци за извоз на странските пазари...

Само 0,5 проценти од земјоделските површини се засеани со органско производство. Новата европска регулатива предвидува до 2020-та година овој процент да се зголеми на 4 отсто. Ова подразбира во земјава да се поттикне интересот за органско производство.
„Според новата регулатива малите земјоделци ќе може да се сертифицираат групно. Ќе се дозволи формирање на мешани фарми со посебни безбедносни услови“, изјави Александар Николовски од Асоцијација „Зенит“.
Земјоделците, пак, бараат олеснување на законската рамка. Објаснуваат дека има побарувачка за органски производи, но дека е потребно подобра организација на домашниот пазар. Сѐ уште се мали количините за продажба на странските пазари.
„Има многу производители со мали фарми со мешано производство на една фарма, и градинарство и овоштарство. Немаат можност да добијат стимулација поради тоа што немаат монокултура“, вели Ѓорѓи Хаџи Котаров, Федерација на производители на органска храна.
Мобилна апликација, органска храна во маркетите се само дел од активностите за приближување со крајните потрошувачи. Од Организацијата за нивна заштита препорауваат да се зголеми контролата на квалитетот на органските производи.
„Треба да бидат запознаени потрошувачите дека навистина купуваат органска храна па и да биде со повисоки цени“, изјави Маријана Лончар- Велковска, Организација на потрошувачи.
На националната конференција организирана во Скопје беше заклучено дека е потребна поголема промоција и полесен пласман на органските производи.
Дијана Ценевска
