Пониски сметки за парно од 1-ви август
Од 1-ви август поевтинува парното, одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Цената за потрошувачите на БЕГ ќе биде пониска за 3,1 процент. Оние што се грејат преку Скопје Север ќе добиваат пониски сметки за 0,76 отсто, а поевтинувањето кај ЕЛЕМ Енергетика изнесува 1,3 проценти. Од септември ќе разгледува и што ќе се прави со исклучените од мрежата...

Поевтинува парното греење. Од први август за потрошувачите на БЕГ пониски сметки за 3,1 насто, за корисниците на услугите на Скопје- Север за потрошена топлинска енергија намалување за 0,76 насто, а за оние на ЕЛЕМ Енергетика за 1,13 проценти. Иако според директорот на Регулаторната комисија, цените паѓаат минимално, корекциите се случуваат во време кога за 40 насто е поскап природниот гас. Со новата ценовна политика се кастри заработувачката на компаниите што вршат дистрибуција на топлинска енергија.
„Цената се намалува зашто се намалуваат дел од трошоците и имаме нов пристап за пресметка на обртните средства, а ги намалуваме и загубите во дстрибтнвната мрежа и маржата. Маржата ја калкулираме со два отсто, обртниот капитал во дистрибуција не го признаваме, а во производството наместо со два го калкулираме со еден процент со цел да му обезбедиме ликвидни средства на производителот за набавка на природен гас. Во калкулациите сметаме дека цената на гасот ќе изнесува 320 долари за нормален метар кубен и очекувма дека и во четвртиот квартал ќе се движи во предвиденото“, посочи Марко Беслимовски, директор на РКЕ.
Најмалото поевтинување за корисниците на Скопје Север, Беслимовски го оправда со ставот дека ситуацијата таму е најлоша, од три илјади корисници во 2000-та останале само 459. А искористеноста на капацитетот е 17 насто.
Од Регулаторна најавија дека ќе се работи на зголемување на овој број. Исклучените корисници и натаму ќе плаќаат паушал, но за 8,4 насто Регулаторната комисија ја скастри сумата за фиксни трошоци.
Директорот најави, во септември ќе биде формирана работна група која заедно со здружението „Но пасаран“ ќе ги отвори прашањата и ќе работи на донесување подзаконски акти за регулирање на обврската. А новоформираното претпријатие на Град Скопје сѐ уште нема аплицирано за добивање на лиценца. Од РКЕ не ја исклучуваат можноста да се вклучи во текот на грејната сезона за што и претставниците на БЕГ рекле дека немаат против конкуренцијата во дистрибуцијата на топлинска енергија.
Сузана Фиданска- Стоевска
