Столтенберг: Граѓаните ја носат одлуката, ние сме подготвени да ве пречекаме како 30-та членка на НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг е во дводневна посета на Република Македонија. Се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието Талат Џафери, министерката Шекеринска, премиерот Заев, лидерот на опозицијата Мицкоски. Го посети и Стајковци, во чија обнова по поплавите помагаа и војници на НАТО алијансата, а на средбата со скопскиот градоначалник доби и табла од улицата која го носи името на неговиот татко Торвалд- почесен граѓанин на македонската метропола...
За неколку недели ќе имате референдум на кој ќе решите дали ќе се приклучите на меѓународната заедница и на НАТО. Граѓаните ја носат одлуката, ние сме подготвени да ве пречекаме како 30-та членка на Алијансата, рече генералниот секретар на НАТО, Столтенберг. Со министерката за одбрана Шекеринска ги посети армиските специјалци во касарната „Илинден“. Им оддаде признание за врвната обученост и професионализмот.
„Сите 29 сојузници, на Самитот во јули решија да ве поканат да станете полноправен член и да ги почнете пристапните разговори. Ние сме посветени, но вие морате да го имплементирате договорот за да станете полноправен член и да ги завршиме пристапните разговори“, нагласи Столтенберг.
Министерката Шекеринска потсети дека повеќе од четири илјади припадници на Армијата учествуваа во различни мисии предводени од НАТО. Членството во Алијансата е врвен приоритет.
„Секој припадник на Армијата на Република Македонија кој во изминатиот период учествуваше на различни НАТО предводени мисии беше аргумент плус во полза на нашето членство во НАТО. Дозволете ми уште еднаш да им оддадам признание на сите тие припадници на Армијата која што беше постојан тивок, но многу видлив и признаен дипломат кој што лобираше Македонија да стане членка на НАТО“, рече министерката Шекеринска.
Претходно, првиот човек на НАТО во посета на Стајковци каде што пред две години во санирање на штетите од поплавите беа вклучени и припадниците на НАТО. Мило ми е што повторно го изградивте селото и што гледате напред во иднината, порача Столтенберг. Тој од градоначалникот на Гази Баба доби благодарница.
Улицата покрај Градскиот стадион во Скопје ќе го носи името на норвешкиот дипломат Торвалд Столтенберг, кој важеше за почесен граѓанин на градот, поради тоа што несебично помагал во изградбата на метрополата по катастрофалниот земјотрес.
Првиот човек на НАТО ја прими таблата на која стои името на неговиот татко, и рече дека е почестен што Скопје и неговите жители ги паметат напорите на неговиот татко во обновата на градот.
Викторија Милевска
