Столтенберг: Членството во НАТО ви е на дофат
„Ве чека еднакво место на масата на Алијансата. Одлуката е ваша“- генералниот секретар на НАТО, Столтенберг со порака по средбите со државниот врв. Премиерот согласен- на историски крстопат сме за нашата иднина...

За неколку седмици имате референдум за договорот за името. Ги охрабрувам гласачите да се појават во голем број, ова е прилика која се јавува еднаш во животот, да станете членка на меѓународната заедница со сите придобовки кои тоа ги носи со себе, истакна генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
Ввратата на НАТО е отворена, членството е на дофат и е можност да се зајакне мирот и стабилноста, како во земјата така и во регионот, и да се добие место и еднаков глас на масата на НАТО, да се пристапи кон најсупешниот сојуз во историјата- нагласи првиот човек на Алијансата и изрази благодарност за придонесот на Македонија кон операциите и мисиите на НАТО.
„Сакаме да ја видиме вашата земја успешна. Народот на оваа земја треба да одлучи да го изоди овој пат- вашата иднина е во ваши раце додека ние ве чекаме во НАТО“, нагласи Столтенберг.
Премиерот Заев нагласи дека НАТО и ЕУ се стратешка определба на Македониј и дека од тоа нема отстапување.
„Референдумот на 30-ти септември ќе биде уште еден важен предизвик. Сега сме на историски крстопат за нашата иднина и убеден сум дека граѓаните ќе ги препознаат перспективите за нашата земја“, потенцира Заев.
Премиерот е убеден дека референдумот ќе биде успешен и ќе се постигне потребниот цензус.
