Презентирани идејните решенија за новата Градска болница
Новата општа болница ќе се гради на местото на „Мајчин дом“ во Аеродром. Презентирани идејните решенија. Архитектите со различни ставови за локацијата...

Кон средината на идната година ќе се знае кога ќе се гради и како ќе изгледа новата Градска болница во Општина Аеродром, на местото на „Мајчин дом“. Презентирани идејните решенија. Во објектот треба да се префрли сегашната Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. И додека надлежните го бараат идеалното решение за изградба, пациентите ќе се лекуваат во несоодветни услови. Во болницата недостига кадар, Центарот за изгореници не функционира.
„Актуелната Градска болница е од триесетите години, имаше обид таа да се реконструира, но за жал и целосна реконструкција на болницата нема да даде современ објект во кој што ние ќе можеме да имаме интегриран систем на давање на болничка услуга, а интегриран систем значи дека кога пациентот ќе влезе на едно место сѐ ќе му биде на располагање“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Меѓу архитектите разногласие за локацијата. Едни тврдат дека сообраќајната инфраструктура на местото е наменета за станбени згради и за „Мајчин дом“, од Аагенцијата за планирање на просторот сметаат дека може да се најде решение.
„Како сметате дека локацијата е добра за градба нова градска болница на тоа место, старата ќе се дислоцира и ќе се тргне сообраќајниот хаос, а ќе се направи нов сообраќаен хаос само на ново место?“, вели Сања Раџеновиќ- архитект.
„Еве како за пример ќе ви кажам, Градската болница 8-ми Септември има проблем, на сервисна улична мрежа е, не е на собирна, влезот е на сервисната улична мрежа“, изјави Иван Арсовски, планер- урбанист во Агенцијата за планирање на простор.
„Да, но направена е во едно време и урбанизам кој бил предвиден со намена болница, овој постоечкиот урбанизам се предвидени за станбена изградба, а не за градска болница. По ваше мислење добра е локацијата за изградба на градска болница?“, прашува Раџеновиќ.
„Има можности и ова решение би можело да функционира“- одговори Арсовски.
Новата Градска болница планирано е да биде на четири ката, ќе има 20 амбуланти, болнички дел со капацитет за 240 пациенти, осум хируршки сали, лабораторија, радиолошки оддел, компјутерска томографија, магнетна резонанца и ренген дијагностика.
Андријана Атанасовска
