Вратата на НАТО е отворена, да се искористи шансата на 30-ти септември
Вратата на НАТО е отворена, членството ви е на дофат, искористете ја шансата на 30-та септември, оваа порака ја испрати генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг по средбите со државниот врв и партиите. Вели оти нашата држава ќе добие место и еднаков глас на масата на НАТО. Премиерот заев е уверен дека граѓанското изјаснување ќе биде успешно. Претседателот Иванов бара ЕУ и НАТО да не бидат алиби за лошиот договор...

Со пораки за поддршка на референдумот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја заврши посетата на земјава. „Преку референдумот имате историска можност за членство во евроатланските структури“- порача тој нагласувајќи дека идејата да се отфрли Договорот со Грција, а земјава потоа да се зачлени во НАТО и Унијата, е илузија. Првиот човек на НАТО е задоволен од спроведувањето на клучните реформи и рече дека со нив треба да се продолжи.
Преку потпишаните договори со Бугарија и Грција покажавме силно партнерство, но се зајакна и безбедноста во регионот, рече премиерот Зоран Заев. Тој е оптимист дека граѓаните ќе излезат на референдум и позитивно ќе одговорат на референдумското прашање. Заев очекува дека сите партии, вклучително и опозицијата, ќе покажат единство бидејќи на сите стратешки интерес е членството во ЕУ и НАТО.
Столтенберг претпладнето беше на средба сопретседателот Ѓорге Иванов. Од Кабинетот на шефот на државата со соопштение.
Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската унија и НАТО алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор- посочил шефот на државата.
Врховниот командант и претседател рекол дека го поддржал процесот на донесувањето на стратегискиот одбранбен преглед согласно препораките на НАТО советодавните тимови и дека новата стратегија, што е исклучиво ориентирана кон зачленувањето во НАТО, е изготовена.
Миле Ристески
