Австрискиот канцелар во посета на Скопје

Курц: Гласајте „за“ европската перспектива на Македонија

07.09.2018 10:43

Македонија се наоѓа пред историска пресвртница, а решението за името ја има нашата целосна поддршка, изјави пред посетата на Македонија претседавачот со Унијата, австрискиот канцелар Себастијан Курц. Тој во владата оствари средба со премиерот Заев...

Решавањето на прашањето за името е голема шанса за динамика на Македонија и на целиот регион. Срдечно го поздравувам постигнатиот компромис на ова поле и ги повикувам граѓаните да учествуваат на претстојниот референдум и пред сѐ да гласаат „за“ договорот и „за“ европската перспектива на Македонија, истакна австрискиот канцелар Себастијан Курц на заедничката прес- конференција со македонскиот премиер Зоран Заев.

Како пријател на Македонија и како активна земја членка на ЕУ, ние ќе сметаме дека би било многу позитивно доколку има големо учество и позитивен исход на референдумот, изјави Курц, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ. Курц рече дека Австрија е пријател на Македонија и сака да имаат заедничка иднина.

Европската унија нема да биде комплетна без Македонија и земјите во регионот, додаде Курц.

На новинарско прашање каква е неговата порака до опозициската ВМРО-ДПМНЕ со која се сестрински партии во ЕПП, Курц рече дека е сосема иста како и до граѓаните – важно е Македонија и балканските држави да имаат европска перспектива и да ја искористат, а дел од тоа е и решавањето на прашањето за името.

Премиерот Заев истакна дека посетата на Курц е силна порака и поттик за нас во пресрет на референдумот на кој граѓаните ќе ја изберат иднината, ќе го дадат својот глас за одоброување на договорот со Грција со кој се гарантира местото на Македонија во ЕУ.

Прашан што ќе се случи ако договорот не помине во Грција, Заев рече дека очекува двете земји да си го завршат својот дел од работата и тој да биде ратификуван во грчкиот Парламент, а процесот целосно да биде завршен. Тоа е добро и за Македонија, и за Грција, за региониот и за ЕУ, нагласи Заев.